Пон - Саб 11:30 - 19:30

Болеста си оди тогаш кога веќе нема потреба од неа

Некои психотерапевти сметаат дека речиси сите болести во основата имаат психолошка причина. А официјалната медицина званично призна седум болести кај кои главна причина е психолошкиот фактор. Тоа е т.н. „чикашка седморка“:

  • Висок крвен притисок
  • Мигрена
  • Чир на желудник
  • Дерматитис
  • Диспнеа
  • Импотенција
  • Дијабетес- тип 2

Психосоматската болес може да биде и начин за задоволување на некои потреби кои на друг начин веруваме дека не можат да бидат задоволени.

Значи, што ни овозможува болеста?

1. За себеси се грижиме без чувство на вина

Лековите, сите видови на средства за заштита, скапите анализи, процедурите, испитувањата – сето тоа ви е овозможено само затоа што сте болни. Обидете се истата таа сума да ја потрошите за услугите на стилистот или за масажа. За неколку генерации на жени – тоа е недопустливо. Секогаш постои нешто за кое парите се попотребни.

2. Имаме право на одмор

Парадоксот е во тоа дека повеќето современи жени, дури и ако се хонорарци или имаат клизно време, и понатаму живеат според принципот кој гласи: „Жената само во два случаи може ништо да не работи – тие се бременост и болест.“ Целиот наш систем се заснова на овој принцип. Детето не може да не оди во училиште ако тоа не сака. Постои само една причина поради која тоа може да изостанува од училиште – тоа е болеста. Апсурдно нели?!

3. Право на грижа од блиските

Болеста е можност за жената да се почувству како жена за која се грижат другите. Бидејќи не е прифатливо другите да се грижат за „силните, паметните и успешните“, особено за оние кои можат да се грижат самите за себеси, болеста го дава правото за грижа и нежност. Ако блиските продолжат да ги игнорираат дури и тие недвосмислени молби за помош, болеста напредува, но во даден момент овие молби мораат да бидат слушнати. Дежурните служби во Брза помош секогаш се подготвени.

4. Внимание од семејството и пријателите

Болеста е начин да се чувствувате посебно, достојни за внимание. За вас дискутираат, раскажуваат. Станувате „тема на денот“. А колку е покомплицирана и потешка болеста, толку има повеќе „вака било, така било“.

5. Почитување

Човекот кој преживува страшни патења, заедно со сожалувањето и сочувството, дури и во мислите: „Чувај ме Боже од вакви работи…“, предизвикува стравопочит и почитување. Ако она што го правите во овој момент, од некоја причина, не предизвикува почитување (посебно кај вас самите), тогаш некоја сериозна болест ќе го предизвика почитувањето. Желбата да се почувствувате како „херој“ никој нема да ви ја оспори.

6. Можност да не се одлучува за нешто за кое треба да се донесе одлука

Кога детето е сериозно болно, тогаш идејата за развод треба да се одложи. Сопствената силна болест ќе ве примора да ги одложите новите проекти или промената на работното место. Долгогодишната грижа за некој близок човек е добра причина за да не се поставуваат прашања за личниот живот или кариерата.

7. Можност да се одмориме, да не брзаме, да се слушнеме себеси

За време на болеста, животот драстично се успорува и во преден план излегува она што порано било игнорирано и не било приметувано. Станува важно секое свое вдишување на воздухот, секој свој чекор.

8. „Последната желба на оној што умира“

Вообичаено е да се испочитуваат желбите на болниот човек. Така, болната жена конечно може да го примора мажот да ја поправи чешмата или да ја прицврсти кваката на вратата. А да не ги спомнуваме и другите поголеми побарувања.

9. Да се види светот од друга страна. Болеста ни овозможува да влеземе во друга реалност

Ако сте неколку часа без престан сте ги гледале наборите на ткаенината од абажурот, или сте разгледувале фигури од чудни животни обликувани од сенките на таванот – знаете на што мислам. Кога единствената работа која ја можеш – тоа е да гледаш со часови во еден квадратен метар околу тебе, тогаш светот ви се прикажува пред вас од потполно друг агол.

10. Преиспитување на својот живот

Сериозната болест не тера да размислиме за тоа, за кое порано сме немале време да размислуваме. Кога постои можност дека се ближи крајот, тогаш целата лага за себеси и својот живот некаде исчезнува, а вие останувате со вистината. И во тој момент се случува глобално пренасочување на системот. Повторно оценување на целиот свој живот. Тогаш потребите стануваат такви нешта кои мораат да се остварат. Прашање е единствено на каков начин. Ако возрасната личност, од било кои причини, не е подготвена да ги искаже своите потреби отворено, тогаш несвесно го вклучува „театарот на телото“ и овие потреби ќе бидат задоволени со посредство на манипулација со телото т.е. со болест.

Да се признаат ваквите случувања без соодветна подготвеност, речиси е невозможно. Тогаш се вклучува силна психолошка заштита.

Поради тоа има смисла постепениот пристап кон освестување:

  1. Поставете си го на себеси прашањето: Што ми овозможува болеста да добијам? Направете искрен список со примери.
  2. Разгледајте ја секоја точка наведена погоре. Без да се осудувате себеси, станете свесни за вашиот начин на справување со потребите. Така ќе добиете нешто многу важно за себе.
  3. Дозволете си на себеси отворено да ги изразувате потребите во односите со другите, да зборувате за нив. Но најнапред треба да си ги признаете на себеси.

Болеста си оди тогаш кога веќе нема потреба од неа!

Автор: Розета Паскали

Facebook
Twitter
LinkedIn
Scroll to Top