Веројатно и самите сте слушнале или доживеале нешто слично. Долго време барате партнер – и ништо не се случува. Потоа, кога ќе престанете постојано да размислувате за тоа, одеднаш запознавате некого.
Со месеци се трудите да добиете одредена работа, признание или можност – и токму кога ќе се помирите дека можеби нема да биде така, работите почнуваат да се отвораат. Во популарната психологија и мотивациската литература понекогаш ова се опишува како „Гамперсонов закон“ – идеја дека нешто најлесно доаѓа тогаш кога ќе престанеме очајно да го посакуваме.
Иако ова не е научно потврден психолошки закон, интересно е што многу луѓе препознаваат дел од ова искуство во сопствениот живот. Но дали навистина треба да престанеме да сакаме за да добиеме?
Од психолошки и психотерапевтски аспект – одговорот е не. Не се работи за тоа дека желбата е проблем. Проблемот најчесто почнува кога желбата станува услов за нашата внатрешна стабилност.
Кога желбата се претвора во притисок
Постои голема разлика помеѓу: „Би сакал ова да се случи.“ и „Мора ова да се случи за да бидам добро.“
Во првиот случај има желба. Во вториот случај има стегање. Кога нешто ќе стане премногу важно за нашето чувство на вредност, почнуваме:
- постојано да анализираме;
- да бараме знаци и потврди;
- да ги забележуваме само информациите што нè носат кон посакуваниот исход;
- да се плашиме од секое одбивање;
- да се чувствуваме како целиот наш живот да зависи од тоа.
Парадоксално, токму тогаш се создава најголема психолошка напнатост.
Зошто понекогаш токму отпуштањето носи промена?
Психотерапијата не би рекла дека универзумот почнува да работи за нас. Повеќе би рекла дека кога се намалува внатрешниот притисок – се менува начинот на кој функционираме. Кога не сме очајно врзани за резултатот, тогаш сме поприсутни, размислуваме појасно, полесно воспоставуваме контакт, подобро ги забележуваме можностите, носиме поавтентични одлуки.
Не затоа што реалноста магично се променила. Туку затоа што престануваме да дејствуваме од страв.
Гешталт перспектива: контакт наместо контрола
Во гешталт терапијата постои важна идеја: Колку повеќе насилно се обидуваме да го контролираме животот, толку помалку сме во вистински контакт со него. Кога сме целосно фиксирани на идниот исход:
- престануваме да го доживуваме сегашниот момент;
- другите луѓе ги гледаме како средство за да стигнеме до нешто;
- се губи спонтаноста;
- се намалува чувството на живост.
Контактот се заменува со контрола. А токму во вистинскиот контакт често почнуваат да се отвораат нови можности.
Не откажување – туку отпуштање
Важно е да се направи разлика. Отпуштањето не значи: „Не ми е важно.“ Туку: „Важно ми е – но мојата вредност не зависи од тоа.“ Тоа не е пасивност. Тоа е способност да продолжиме да се движиме низ животот без постојано да се бориме со сегашниот момент. Можеби зрелоста не е да престанеме да сакаме. Можеби зрелоста е да научиме да сакаме нешто длабоко – без да се изгубиме себеси ако тоа доцни. И понекогаш токму тогаш, кога повеќе не трчаме очајно по животот – почнуваме навистина да го сретнуваме.
Доколку се препознавте во овој текст и чувствувате дека често живеете во напнатост, постојано очекување или чувство дека вашата вредност зависи од одредени исходи, психотерапијата може да биде простор каде овие модели ќе се разберат подлабоко.
За советување и психотерапија можете да се обратите во:
УВИД – Центар за едукација и личен развој
📞 078-246-172

