Често слушаме реченици како:
„Секогаш наидувам на луѓе што ме користат.“
„Давам многу, а добивам малку.“
„Се трудам да разберам, а на крај останувам празен/празна.“
Во секојдневниот говор овие искуства често се објаснуваат со идеи дека „емпатите привлекуваат нарциси“ или дека некои луѓе се „енергетски вампири“. Иако овие изрази можат да помогнат да се опише искуството, од психотерапевтска перспектива прашањето е подлабоко и посложено.
Не се работи за тоа дека добрите луѓе магично ги привлекуваат токсичните. Почесто станува збор за начинот на кој сме научиле да бидеме во однос со другите. Луѓето со изразена емпатија често:
- брзо ги препознаваат потребите на другите;
- имаат висока толеранција за туѓа болка;
- тешко поставуваат граници;
- чувствуваат одговорност за туѓите емоции;
- веруваат дека разбирањето и трпението ќе доведат до промена.
Овие особини сами по себе не се слабост. Напротив — тие се вредни човечки капацитети. Но кога емпатијата не е придружена со самосвесност и граници, може да се претвори во хронично самозанемарување. Во терапевтската работа често не гледаме само личност која „дава премногу“, туку личност која научила дека:
- љубовта се заслужува преку грижа;
- блискоста се одржува преку приспособување;
- сопствените потреби треба да почекаат.
Тогаш човек лесно влегува во улога на спасител. На почеток тоа изгледа како љубов, зрелост или големо срце. Но со текот на времето се појавуваат умор, разочараност, потисната лутина и чувство дека односот повеќе не е взаемен.
Интересно е што најчесто не нѐ исцрпуваат туѓите емоции сами по себе. Нѐ исцрпува кога:
- не си дозволуваме да кажеме „не“;
- постојано се приспособуваме;
- се обидуваме да спасиме некого што не побарал помош;
- веруваме дека ако сме доволно добри — другиот ќе се промени.
Во гешталт терапијата не прашуваме само: „Што не е во ред со другиот?“
Прашуваме и: „Што се случува со мене додека сум во овој однос?“
Затоа што зрелата емпатија не значи да чувствувам за сите и да носам сè.
Зрелата емпатија значи:
Да можам да бидам блиску — без да се изгубам себеси.
Да можам да помогнам — без да се жртвувам.
Да можам да сакам — без да се напуштам.
Понекогаш најважниот чекор не е да научиме како да избегнуваме „токсични луѓе“, туку како да останеме во контакт со себе. А таму каде што повторно и повторно се појавуваат исти исцрпувачки односи — можеби не ни треба повеќе сила, туку повеќе разбирање за сопствените релациски модели.
Доколку се препознавте во овој текст и чувствувате дека повторно влегувате во односи во кои давате многу, а останувате празни, можеби е време тој циклус да се разбере подлабоко.
За советување и психотерапија можете да се обратите во
УВИД – Центар за едукација и личен развој
📞 078-246-172

