Терминот „енергетски вампир“ често се користи во секојдневниот говор за луѓе по чија близина се чувствуваме исцрпено, емоционално испразнето или како да сме останале без сила. Иако изразот звучи мистично, од психолошки аспект не зборуваме за одземање енергија во буквална смисла, туку за одредена релациска динамика.
Понекогаш по средба со некого чувствуваме умор кој не е физички. Не сме направиле ништо тешко, а сепак имаме чувство дека сме „потрошени“. Тешко се концентрираме, ни треба време да се вратиме на себе или чувствуваме необјаснива вина и одговорност.
Прашањето тогаш не е: „Дали оваа личност ми ја зема енергијата?“
Туку: „Што се случува во нашиот контакт што јас останувам без психолошки ресурси?“
Од перспектива на гешталт терапијата, човекот не постои изолиран – ние постојано сме во контакт со средината и со другите. Токму затоа квалитетот на контактот влијае на нашата виталност.
Кога контактот престанува да биде хранлив?
Во здрав однос постои движење во двете насоки. Има простор и за моите и за твоите потреби, и за давање и за примање, и за блискост и за граници.
Во исцрпувачките односи често се случува нешто поинакво:
- едната личност постојано бара простор, внимание или емоционално носење;
- другата постепено почнува да се приспособува;
- сопствените потреби стануваат помалку важни;
- контактот повеќе не обновува, туку троши.
Интересно е што не секогаш другата личност е свесна за ова. Често станува збор за научени начини на преживување – луѓе кои тешко ги регулираат своите емоции несвесно бараат друг да им помогне да се стабилизираат.
Зошто токму јас се чувствувам исцрпено?
Гешталт пристапот не се задржува само на прашањето „каков е другиот?“, туку и на прашањето:
„Што се случува со мене во овој однос?“
Понекогаш несвесно влегуваме во улоги како:
- спасител,
- оној што разбира,
- оној што секогаш е силен,
- посредник,
- личност што верува дека мора да ги смири сите.
Овие улоги често изгледаат како грижа и љубов, но ако долго време нема реципроцитет, почнува да се јавува емоционален замор.
Не затоа што сме премногу чувствителни.
Туку затоа што сме престанале да забележуваме каде завршува другиот, а каде почнуваме ние.
Еден од најважните знаци: дали имам право да бидам јас?
Кога сме во исцрпувачки однос, често се појавуваат прашања како:
- Дали можам да кажам „не“ без чувство на вина?
- Дали имам простор да зборувам за себе?
- Дали моето расположение зависи од туѓото?
- Дали се чувствувам одговорен за емоциите на другиот?
- Дали после контакт ми треба долго време да се вратам на себе?
Во гешталт терапијата границите не значат дистанца.
Тие значат способност да останам во контакт – без да се изгубам себеси.
Наместо да бегаме од „енергетските вампири“, можеби е поважно да препознаеме што ни кажува уморот
Понекогаш исцрпеноста е покана да застанеме и да се запрашаме:
Што ми недостасува во овој однос?
Што премолчувам?
Што давам без да бидам прашан?
И што би се случило ако си дозволам да постојам подеднакво колку и другиот?
Затоа што здравиот контакт не нѐ празни.
Тој нѐ остава со чувство дека сме биле видени – а притоа не сме се изгубиле себеси.
автор: Розета Паскали


