Пон - Саб 11:30 - 19:30

Дали знаете нешто за експериментот во Дортмунд од 70-тите години?

Накратко за експериментот:

На секој од учесниците им била нацртана лузна на лицето со реалистичен изглед. Им ја покажале во огледало и им објасниле дека ќе треба да бидат во улога на испитувач кој ќе води интервју. Непосредно пред интервјуто, истражувачите, наводно поправајќи ја шминката, целосно им ги отстраниле лузните на учесниците. Учесниците не го знаеле тоа. Секој учесник почнал со разговорот за интервју, убеден дека лузната сè уште му е на лицето. Истражувачите им дозволиле на учесниците да веруваат дека луѓето ќе реагираат различно на нив бидејќи „видливата маана“ ги менува општествените односи. По интервјуто, речиси сите го пријавиле истото: соговорниците беа ладни, непријателски настроени, резервирани. Најголемиот број од учесниците кажале дека се чувствувале набљудувани, осудувани, отфрлени поради лузната. Проблемот беше што тие само веруваа дека имаат лузна на лицето.

Всушност, луѓето не реагирале на лузната. Реагирале на однесувањето на ичесниците кои верувале дека имаат лузна.

Овој експеримент, зборува за самоперцепцијата, но уште повеќе за приказната што ја носиме во себе за себеси. За тоа како внатрешното искуство станува филтер преку кој го толкуваме светот. Кога веруваме дека „нешто не е во ред“ со нас, почнуваме селективно да ја читаме реалноста. Неутралниот поглед станува осуда. Тишината станува отфрлање. Нечија зафатеност станува доказ дека не сме важни. И најнезгодното е што тогаш се однесуваме поинаку. Се повлекуваме, стануваме претпазливи, вкочанети, дефанзивни. Помалку присутни. Помалку спонтани. И луѓето околу нас реагираат токму на тоа. Не на „лузната“, туку на нашата напнатост.

И тука кругот се затвора.

Се повлекувам затоа што луѓето не ме прифаќаат – луѓето го гледаат моето повлекување и не се обидуваат да ми се приближат – гледам дека не се обидуваат, па се повлекувам уште повеќе…

ЖИВОТНО СЦЕНАРИО ВО НЕГОВАТА НАЈЧИСТА ФОРМА.

Повеќето од „лузните“ што ги носиме не се на лицето како во експериментот. Тие се во наративите во кои веруваме за себе: не сум доволно добар, премногу сум нападен, имам тежок карактер, луѓето ќе ме отфрлат ако навистина ме запознаат… И потоа излегуваме во светот однесувајќи се како сите да можат да го видат тоа.

И не, ова не е приказна од типот „сè е во нашата глава“. Ниту пак треба да се преправаме дека немаме рани. Напротив! Ова е покана да размислиме повторно колку често реагираме на реалноста, а колку често на сопствената проекција на неа. Колку пати живееме како лузната да е таму, иако е отстранета одамна.

Честопати, најголемата бариера меѓу нас и другите не е тоа кои сме, туку она што веруваме дека другите го гледаат кога нè гледаат.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Scroll to Top