Секој родител го посакува најдоброто за своето дете. Сепак, често се случува родителите да имаат најдобра намера, а всушност да прават нешто што не е добро за своето дете. Поради тоа, секој родител би требало да го преиспита своето однесување со цел своето дете да порасне во ментално силен човек кој ќе биде способен да им одолее и на најголемите предизвици во животот.
Ментално силните родители:
- Не го поддржуваат менталитетот на жртва
Тоа што детето лошо ја шутнало топката или лошо поминало на контролниот тест не го прави жртва. Одбивањето, неуспехот и неправдата се составен дел од животот.
Не наседнувајте на детското самосожалување. Учете ги, без разлика колку околностите се неправедни, дека секогаш можат нешто да превземат за да ги подобрат работите.
2. Не постапуваат понесени од чувството на вина
Предавањето на чувството на вина ги учи децата дека вината е ужасна работа со која не можат да се носат. А таквото дете нема да може д акаже „не“ на оние кои го уценуваат обидувајќи се да му го наметнат тоа чувство („ако ме сакаш, ќе го направиш тоа“). Покажете им на децата дека дури и ако понекогаш се чувствувате виновни – а на сите родители тоа им се случува –тоа не значи дека тоа непријатно чувство ќе ви ги разниша принципите и ќе влијае на донесувањето на одлуките.
3. Не прават од своето дете центар на универзумот
Ако целиот ваш живот се врти околу децата, тие ќе пораснат со убедување дека сите така ќе ги третираат. А надобудните возрасни така неможат далеку да стигнат. Научете ги да размислуваат за тоа што тие можат да му понудат на светот, а не што светот може да им понуди на нив.
4. Не дозволуваат стравовите да управуваат со нивните избори
Чувањето на детето под стаклено ѕвоно може да ве поштеди од некои стравувања, но така ќе му пратите порака на детето дека стравот треба да го избегнува по секоја цена. Покажете му на своето дете дека против стравот најсобро е да се бори со соочување, и на тој начин ќе одгледате Одважни деца кои немаат проблем со излегувањето од зоната на комфорот.
5. Не им дозволуваат на децата да ја превземат контролата
Ако им дозволите на децата да диктираат што ќе јаде семејството денес или каде ќе оди на одмор, ќе им дадете многу повеќе моќ отколку што можат да поднесат. Кога кон своите деца се однесувате како да се еднакви или помоќни од вас, тоггаш им ја одземате менталната снага. Дајте им прилика да вежбаат примање на наредби, да слушаат работи кои несакаат да ги слушнат и да работат работи кои несакаат да ги работат. Овозможете им избор, но во рамките на нивните можности и моќ која е пропорционална на нивното место во семејната хиерархија.
6. Не очекуваат совршенство
Од децата треба да се очекува многу и тоа е здраво, но да се очекува совршенство е контрапродуктивно. Научете ги дека е во ред и доколку не успеат и или ако не се најдобри во се што работат. Самодовербата на децата кои се напрегаат да станат најдобрата верзија од себеси, наместо најдобри во се, нема да зависи од критериумите на другите.
7. Не им дозволуваат на децата избегнување на одговорност
Ако им дозволувате на децата да се извлекуваат од обврските, со тоа им ја одземате можноста да станат ментално силни. Можеби ви е жал да ги оптеретувате, но домашните работи прилагодени на возраста на детето и не се некое оптеретување за него.
Улогата на родител воопшто не е едноставна, напротив исполнете е со голема одговорност и потреба од родителски вештини.
Затоа ги охрабрувам родители да се едуцираат и да не ја сведуваат оваа важна улога на случајното и спонтано однесување.
Автор: Розета Паскали