Луѓето со висока толеранција се неискрени и мрзливи: лична приказна и самоанализа
Еднаш верував дека високата толеранција е една од најголемите доблести што човек може да ги има. Смиреноста, промисленоста и способноста за прилагодување ми овозможија да одржувам мир во односите и да избегнувам конфликти. Меѓутоа, дури подоцна во животот сфатив дека оваа привидна толеранција е само превез што ја крие мојата внатрешна неискреност и страв. Згора на тоа, зад овие квалитети стоеше и мрзеливоста – не физичкиот вид, туку мрзеливоста што ме спречи да се соочам со вистината и да се залагам за сопствените вредности.
Тишина која не беше златна
Отсекогаш сум се сметал за мирна и внимателна личност. Кога се соочував со ситуации кои ми пречеа или правеа да ми биде непријатно, молчев. Знаев да бидам трпелив и да се адаптирам, дури и до степен да заземам подредена позиција. Причината? Страв. Страв дека изразувањето на моите чувства или мислења ќе ме чини можност или губење на некоја врска. Страв од отфрлање.
Со текот на времето, сфатив дека оваа тишина не е знак на сила или интелигенција, туку на кукавичлук. Колку подолго молчев, толку бев понеискрен – кон себе и кон другите. Секое потиснато чувство, секоја неискажана мисла беше лага што си ја кажував за да избегнам да се соочам со реалноста.
![](https://therapybyrozetapaskali.com/wp-content/uploads/2024/12/MK-1024x576.png)
Толеранцијата како губење време и енергија
Мојата тишина и толеранција постојано ме водеа во ситуации во кои губев време и енергија. Наместо јасно да кажам што ме мачи, јас опстојував во врски или ситуации кои беа штетни за мене. На крајот, често сфаќав дека дозволувајќи работи што ме мачат, губам драгоцено време во мојот живот.
На почетокот ми беше тешко да ги разберам луѓето кои знаеја директно да го кажат своето мислење или да кажат „не“. Мислев дека се премногу груби или егоистични. Но, подоцна сфатив дека нивната искреност е нешто што отсекогаш ми фалеше.
Стравот и мрзеливоста – сојузници кои ме ограничуваат
Кога го анализирав моето однесување, сфатив дека стравот е главната причина за мојата неискреност. Но, самиот страв не беше единствениот проблем. Тоа беше поддршка за мојата внатрешна мрзеливост. Мрзеливост што ме спречуваше да се борам за моите ставови или да ризикувам да го изразам моето мислење.
Мрзеливоста ме убеди дека е подобро да страдам отколку да ризикувам да влезам во конфликт. Дека е подобро да се попушти отколку да се инсистира. Дека е подобро да молчам отколку да кажам што навистина мислам. И така повторно и повторно се ставам во подредена положба, трошејќи ја својата енергија и виталност.
Чувството на изгубени години
Денес се чувствувам како да ми недостасуваат 10 години од животот. Не затоа што бев во брак со погрешна личност, или затоа што донесов погрешни одлуки, туку затоа што бев нечесен кон себе. Поради оваа нечесност, носев товар на обврска — како секогаш да им должам на другите нешто, додека ги занемарувам своите желби и потреби.
Сфатив дека би можел да ги постигнам своите цели многу порано ако стоев на моите верувања. Да бев искрен со себе и со другите, можев да се ослободам од чувството на обврска и да не трошам енергија на ситуации кои не се во согласност со мојата вистина.
Што направив за да се ослободам?
Прво, морав да прифатам дека мојата толеранција е маска. Прифатив дека не бев искрен. Откако го признав ова, направив неколку клучни чекори кои ми помагаат да го ослободам овој товар:
- Поставување граници:
- Поставувањето граници не е себично, туку суштинско за одржување на здрави врски. Сфаќам дека моја одговорност е да ги заштитам мојата енергија и време.
- Искажување на вистината:
- Практикувам да ги изразувам моите чувства и мисли искрено, но со почит. Научив дека искреноста не значи да бидам груб, туку да имам храброст да го кажам она што го чувствувам.
- Менување на моделот на обврска:
- Свесно се ослободувам од чувството дека нешто им должам на другите. Сите ние сме одговорни за нашите животи, а мојата работа е да се грижам за мојот внатрешен мир.
- Мојата висока толеранција не беше доблест, туку механизам кој ми овозможи да избегнам болка и конфликт. Но, цената за ова беше висока – губење време, енергија и внатрешен мир. Денес учам да живеам поинаку. Толеранцијата може да биде вредна, но само ако не стане пречка за автентичноста.
- Мојата приказна не е единствена – верувам дека многумина од вас можат да се пронајдат во овие зборови. Но, секој од нас има можност да ги врати изгубените моменти. Првиот чекор е искреноста – со себе и со другите. И оваа искреност е најголемото ослободување што можеме да си го дадеме.
Автор: д-рМилан Крајнц
Превод и обработка: Розета Паскали