Пон - Саб 11:30 - 19:30

Терапевтската улога во процесот на Гешталт психотерапија

Дали терапевтот дава совет? Дали може да даде одговори на некои од моите животни прашања? Дали ќе ми суди? Дијагностицира? Што конкретно прави за да им помогне на своите клиенти? Што да очекувам од терапевтот?
Ова се само дел од прашањата кои многу често клиентите си ги поставуваат пред првата сесија со својот терапевт. Оттука и потребата за разјаснување и ставање во фокус на тоа што и која е улогата на терапевтот во психотерапискиот процес. Што е она што терапевтот не го прави, а што е она што го прави додека е со клиент. Гешталт терапијата поаѓа од основната поставка дека на клиентот му недостасува поддршка во себе и дека терапевтот симболички го претставува клиентовото недовршено јас. Првиот чекор во терапијата, оттука е да се открие што на клиентот му е потребно.
Најпрвин, не се дава „помош“ преку совети и упатства бидејќи на овој начин терапевтот би ги дал своите одговори и својата свест. Целта е секој човек да бара и да најде свои одговори, бидејќи само така ќе си го одреди својот пат (Перлс, 1973). Се што еден терапевт може да направи, што би помогнало другата личност да се открие себеси е секогаш добро. Само она што клиентот, сам ќе го открие кај себе е навистина научено. За разлика од други психотераписки правци, терапевтот во Гешталт не интерпретира, не дава директни совети, насоки за постапување, задачи или модели на однесување. Кога има делење на совети има и преземање на туѓа одговорност. Наместо тоа, тие им помагаат да го истражат својот внатрешен свет за да добијат увид во сопствените мотивации, желби и потреби. Во исто време, терапевтот никогаш не одлучува во име на својот клиент. Личноста која се приклучува на терапевтскиот процес учи да преземе одговорност за себе и за своите постапки, а донесувањето одлуки е една од тие обврски. Иако не дава готови одговори на прашањата на клиентот, терапевтот му помага да најде нови и покреативни начини за решавање на проблемот или кризата со која се соочува.
Многу клиенти доаѓаат на сесија со барање да бидат излечени или да им се дадат готови решенија за нивните проблеми. Ако терапевтот го направи она што клиентот може да го направи сам за себе, ако е премногу сочувствителен, тој го поддржува уверувањето на клиентот дека е неспособен да се поддржува и регулира себеси.
Крајниот ефект би бил зависен и невротичен клиент кој нема да открие што може сам да направи. Терапевтот има отворен став, реагира и ги изразува чувствата кои навистина ги чувствува во моментот. Искреност, отвореност и доверливост се клучните концепти во односот терапевт-клиент. Достапен на клиентот, тој креира атмосфера на искреност и отвореност. Во процесот клиентот се труди максимално да ја спроведува сопствената терапија, додека терапевтот е набљудувач, коментатор и водич на терапевтскиот процес. Толкувањето треба да дојде од самиот клиент. На тој начин ја постигнува својата свесност, а со тоа и ја прифаќа одговорноста за сопственото однесување. Работата на терапевтот е постојано да ја буди и зајакнува свесноста на клиентот- свесност за потребите, за силите, за потенцијалите во креирање на нови начини за соочување со светот, за самоподдршка.
Гешталт терапјата е истражување, а не директна модификација на однесувањето. Цел е развој и автономија преку зголемена свесност. Наместо да држи дистанца и интерпретира, терапевтот води активна работа на свесноста. Присуството на терапевтот е живо, возбудливо, искрено и директно. Работата на терапевтот е да истражува. Во Гешталт терапија терапевтот не е пасивен туку напротив е многу активен. Се фокусира на однесувањето на свесноста, на сега и овде. Го враќа и клиентот во сега и овде доколку се оддалечи. Наједноставен начин е да му се сврти внимание на она што го прави клиентот несвесно, насочувајќи го на аспекти од неговото однесување кои се автоматски одговор или да се соочи со неговите намерни акции. Едноставно да се биде огледало кое го доведува до фокус неговиот однос кон себе и своите акции воопшто.Тоа е таканареченото рефлектирање на однесувањето на клиентот. Гешталт терапевтот ги смета зборовите зошто, затоа што, ама, тоа и не можам за непосакувани зборови. Кога клиентот ги употребува терапевтот може да сврти внимание на тоа. Му помага на клиентот да го забележи своето искуство од момент во момент, вклучувајќи ги и начините на кои го прекинува контактот со околината.
Улогата на секој психотерапевт е да им помогне на своите клиенти да ги препознаат и разберат нивните емоции, мисли и однесувања и да ги научи како да направат промени во нивните животи кои ќе им дадат поцелосен и поавтентичен живот. Ова може да значи развој на нови вештини за справување, поефективна комуникација со другите или поставување и постигнување лични цели. Единственото правило кое треба да го прифаќаат Гешталт психотерапевтите е дека клиентот треба да биде свесен. Секоја личност мора да стапи во контакт со средината и да одлучи што е за неа хранливо, што да асимилира, а што токсично што ќе избегнува. Сето ова се менува зависно тоа што е доминантната потреба на личноста.
Целта на Гешталт терапијата е да ги поттикне клиентите да донесуваат сопствени одлуки и да преземат лична одговорност за своите постапки. Терапевтот може да обезбеди насоки и поддршка за да му помогне на клиентот да ги реши своите проблеми, но на крајот клиентот е одговорен за донесување одлуки за тоа што е најдобро за него. Гешталт терапевтот ја отфрла улогата на „лице кое менува“. Ако терапевтот го „води“ или „лечи“ клиентот, тој всушност врши притисок на него да биде поинаков. И колку повеќе клиентот е насочен кон некоја „цел“, толку повеќе останува во суштина ист, непроменет. Индиректно се испраќа пораката дека клиентот не е доволно добар таков каков што е. Оттука може да се појави чувството на срам и/или вина и во никој случај не придонесува за самопочитта на клиентот.
Стратегијата е спротивна- лице кое поддржува, дури и понекогаш инсистира клиентот да остане таму каде што е и со емоциите со кои се соочува. Терапевтот
знае дека промената се случува не поради обидот, убедувањето, интерпретацијата или некое друго слично дејство, туку настанува тогаш кога клиентот е она што е, а не она што би сакал да стане.
Ако се вратиме на самата улога, гешталт терапевтот со техники и алатки создава безбедна средина за својот клиент за да има простор да го покаже своето
автентично јас и од тоа место да направи позитивни промени во животот. Гешталт терапевтите користат голем број техники за да им помогнат на своите клиенти. Најчести се: Играње улоги, техника на празен стол, работа на телото, рефлексија, експериментирање итн.
Голем дел од одговорноста за исходот од терапевтскиот процес се препушта на клиентот. Основната работа во терапијата ја извршува клиентот, а терапевтот е
водич и катализатор. Работата на терапевтот се состои во тоа да осмисли адекватни експерименти и да набљудува што и како реагира клиентот. Основниот
процес на откривање и користење на тие откритија за себе е одговорност на клиентот. Во суштина на секој е оставено да одлучи дали потенцијалот кој го нуди
Гешталт терапијата е погодна за лично експериментирање и психотераписка примена.
Терапевтот меѓутоа е одговорен за квалитетот и квантитетот на сопствената присутност, за знаењето за себе и за пациентот, за задржување на ставот во кој
нема одбрана и е одговорен за тоа да процесот на свесност и контакт се јасни и дека одговараат на клиентот. Одговорен е и за последиците на своето однесување ,воспоставување и одржување на тераписката атмосфера. Гешталт терапевтот покажува преку својата заинтересираност, однесување и зборови дека го разбира клиентот и дека активно слуша. Ваков соговорник навистина поддржува и храни многу клиенти. Во тој однос има интензитет и вистинска поддршка додека истовремено има и одбивање за усмерување или преземање одговорност за клиентот. Понекогаш таквиот контакт може да биде фрустрирачки за клиентот. Некои клиенти знаат да побараат одобрување или неодобрување за нешто.Терапевтот е комплетно ангажиран, но не нуди никакви
знаци на одобрување или неодобрување.
Ако психотерапијата ја споредиме со патување, терапевтот е во улога на придружник. Патувањето не е негово, но тој учествува во него. На почетокот му помага на клиентот да ја одреди насоката и целта на патувањето, оди со клиентот со негово темпо, помага да ги носи куферите, му поставува прашања на клиентот, го потсетува каде оди кога клиентот ќе заборави и го расположува кога ќе се измори. Во ред е терапевтот да му каже на клиентот како се чувствува на патувањето, да укаже на различни патеки, заобиколувања и начини на патување, но не е во ред да се прави избор за него. Одлуката каде и како зависи од клиентот. Клиентот е патник со куфери, со багаж кој понекогаш знае каде не сака да оди, а понекогаш само талка изгубено и кружи на исто место. Улогата на терапевтот е да му помогне да се справи со сите емоции што се појавуваат на тоа патување и, кога може, да им даде ново значење, а потоа да продолжи понатаму.
Во Гешталт терапија нема ограничувања врзани за контакот, присутност и креативност како што постои во другите психотерапевтски правци. Во овој дијалог,
можеме да пееме, да танцуваме, да зборуваме, да цртаме, да се скараме. Работиме и се бориме заедно со клиентот. Џозеф Зинкер (1977), познат Гешталт
терапевт и автор на книгата „Креативен процес во Гешталт терапијата“, постојано ја нагласува креативната употреба на нештата како пишување, цртање, сликање и слично во терапијата. Тој ги поттикнувал терапевтите да бидат што е можно покреативни во терапевтскиот процес велејќи, „Секоја креација е изразениот бихејвиорален исход на голем број слики, фантазии и мисли.“ Темите кои доаѓаат за време на овие изразувања треба да бидат доживеани во сегашниот момент, па токму овие креативни процеси, според Зинкер, се шанса за раст и развој. Уметноста и креативноста се одличен начин да се развијат нови концепти во мислите на одредена личност. Секој иден терапевт се охрабрува да го пронајде својот специфичен стил, сопствен пристап експериментирајќи со различни стилови кои се во согласност со нив.
Кога клиентот прв или дваесетти пат ќе влезе во просторијата, тој со себе ги носи само дел од недовршените работи од минатото. Обично бараат помош, а за него помош значи поддршка од средината бидејќи самоподдршката недостасува. Терапевтот сепак е само човек од крв и месо па како таков неминовно е да во терапевтската ситуација ја манифестира сопствената личност и предрасуди. Перлс истакнува дека терапевтот може да бида меѓу три начини на делување без разлика на својот теориски пристап или посебен начин на гледање.

  1. Еден е сочувствување – сочувство или вклучување во целокупното полесвесност за себе и за клиентот. Проблемот со сочувство или сочувствување со
    клиентот е што може терапевтот сочувствувајќи да му даде надворешна поддршка која клиентот толку ја посакува, а ако не сочувствува- клиентот почнува со оправдувања или чувство на вина.
  2. Друг е емпатија – извесно поистоветување со клиентот кое самиот терапевт го исклучува од полето, а со тоа се исклучува и половина од полето. Во емпатија, интересот на терапевтот е исклучиво на реакциите на клиентот.
  3. Третиот начин е апатија – незаинтересираност што во терапевтскиот процес не не води никаде.
    Идеален терапевт, според Перлс, применува емпатија. Ако во текот на процесот терапевтот се воздржува од емпатија, тој го лишува од полето својот главен инструмент- својата интуиција и чувствителност за процесите кои се случуваат во клиентот. Отука произлегува дека терапевтот мора да работи истовремено и со сочувство и со фрустрација. На прв поглед изгледаат неспоиви, но улогата на терапевтот е да ги спои во едно делотворно оружје. Тој мора да биде свесен за односите во ситуацијата, да воспостави контакт со целокупното поле – како за сопствените потреби и реакции на клиентот така и за клиентовите потреби и реакции. Вистински задоволителен и здрав однос на било кои две индивидуи бара од секоја од нив способност за спојување на сочувство и фрустрација. Здрав човек не ги гази потребите на другите, ниту пак дозволува другите да газат по неговите потреби.
    Жинжер смета дека терапевтот треба да биде оворен во своите идеи и чувства и има партнерски пристап кон својот клиент. Тој мисли се што кажува, но не кажува се што мисли. Тој ги истакнува трите основни терапевтски позиции:
  • Роџерсова емпатија (Карл Рочерс)- терапевтот се става во улога на клиентот
    за подобро да го разбере и сочувствува со него истовремено.
  • Гешталтистичко сочувство- му нуди на клиентот вистински партнер
    компетентен и внимателен во јас-ти дијалошки однос (Бубер). На пр. Ако јас сум
    лут, мојот терапевт може да биде смирен, ако јас сум тажен тој не мора да биде.
  • Психоаналитичка апатија- благонаклонета неутралност со одмерено учество
    и минимални интервенции.
    Заклучокот во поглед на улогата и пристапот на терапевтот е дека мора да ги
    фрустрира оние идеи на клиентот кои ги има за себе, манипулацијата на клиентот
    како и невротичните образци на однесување. Од друга страна пак мора да ги
    задоволи и да сочувствува со оние образци на клиентот кои се одраз на неговото
    вистинското јас.
  • Во Гешталт терапијата се верува дека нема инстант раст. Свесноста и растот можат
    да почнат од првата сеанса, но развојот е процес, а не инстант резултат кој се јавува кога ќе се направи вистинската работа.

Отворен, искрен терапевт може многу да помогне. Природно е да е дека имаме очи за да ја гледаме другата личност, дека можеме директно да зборуваме итн. Гешталт терапијата се практикива селективно и диференцирано во склад со личноста и потребите на клиентот, терапевтот и опкружувањето. Перлс укажува дека имитацијата како стил на работа на терапевтите не е во склад со Гешталтот како правец. Секој терапевт треба да си најде свој пат, стил и начин на работа. Дозволена е спонтаноста, дозволена е автентичноста во работата, но сепак со фокусирање кон зголемување на свесноста на клиентот. Терапевтот се прикажува во голема мера како личност со мани, а помалку како гуру или волшебник. Многумина Гешталт терапијата ќе ја наречат уметност. Едно е сигурно, за
обавување на оваа терапија потребна е креативност и љубов како есенцијален дел.

Користена литература:

  1. Феган Џоен, Ирма Ли Шепард. Гешталт терапија сега, теорија, примени,
    техники – скрипта
  2. Perls, Fric. Gestaltisticki pristup psihoterapiji
  3. Жинжер Серж. Гешталт терапија – уметноста на контактот, Скопје:
    Кокиче прес , 2008
  4. Yonter .I. Gary. Svesnost, dijalog i process – eseji o Gestalt terapiji
  5. https://www.razgovor.mk/2021/11/18/geshtalt-terapi%D1%98a/
  6. https://sharenamarsovka.wordpress.com/2015/06/18/primena-na-geshtaltpsihoterapija-vo-psiholoshkata-praksa/
  7. https://psihoterapeut.co.rs/gestalt-psihoterapija/
  8. https://proself.hr/gestalt-terapija/
  9. https://alekpsiholog.mk/blog/%D1%88%D1%82%D0%BE-%D0%B5-
    %D0%B3%D0%B5%D1%88%D1%82%D0%B0%D0%BB%D1%82-
    %D0%BF%D1%81%D0%B8%D1%85%D0%BE%D1%82%D0%B5%D1%80%D
    0%B0%D0%BF%D0%B8%D1%98%D0%B0

Автор: Маринела Готак – гешталт терапевт во едукација

Facebook
Twitter
LinkedIn
Scroll to Top