Пон - Саб 11:30 - 19:30

Меѓу себе и светот: танцот на границите

Контакт, отпори во контактот и граници

Вовед

Гешталт психотерапијата го гледа човекот како постојано суштество во контакт – со себе, со другите и со светот. Јас не сум изолиран ентитет, туку живо битие кое постојано создава фигури  и реагира на стимулите кои доаѓаат однадвор и однатре. На местото каде што се сретнувам „јас“ со „околината“ се случува животот – таму е границата, таму е и контактот.

Како што вели Ginger, токму на границата јас се допирам со светот и истовремено се разликувам од него. Без таа разлика не би знаел кој сум, а без допир не би можел да искусам поврзаност. Границата-контакт не е ниту ѕид, ниту целосно бришење на разликите, туку динамично место на размена.

Во моето искуство, оваа динамика често е обележана со тензија. Имам моменти кога сум присутен, витален и во жива размена со себе и со другите. Но имам и мигови кога се појавуваат отпорите – начини со кои се штитам од интензитетот на блискоста. Интроекцијата, ретрофлексијата, дефлексијата и конфлуенцијата се дел од мојот секојдневен танц. Тие ме штитат, но и ме ограничуваат.

Овој есеј е обид да го осветлам моето патување меѓу себе и светот. Преку гешталт перспективата ќе ги разгледам моите искуства со контактот, со границите и со отпорите. Не како теорија што ја знам со умот, туку како доживеано искуство што го живеам со телото, со чувствата и со мислите.

Контакт со себе

Контактот со себе е првиот и најважен чекор кон секој друг однос. Ако не сум во жив допир со моите сензации, емоции и мисли, тогаш ниту контактот со другите не може да биде автентичен.

Кога сум навистина со себе, ја чувствувам својата телесност – здивот што се движи низ мене, топлината или студот во дланките, затегнатоста во вратот или во стомакот. Во тие моменти телото ми станува карта што ме води кон сопствената внатрешна вистина. Тогаш емоциите добиваат име: можам да си кажам „сега сум тажен“, „сега чувствувам лутина“, „ова ме плаши“. Без да морам да се оправдувам, без да морам да се објаснувам.

Овие мигови се ретки, но се многу значајни. Во нив ја препознавам виталноста – состојбата што Shore во Црвената линија ја опишува како „жива и енергична присутност“.

Но, често овој контакт го прекинувам. Најчесто преку ретрофлексија: наместо чувството да го пуштам кон надвор, кон другиот, јас го свртувам кон себе. Така потиснатата лутина се претвора во внатрешна тензија, а незадоволството во молк. Тогаш мојата граница станува ѕид, непробоен за автентична размена.

Има и моменти кога одлучувам да не чувствувам воопшто. Кога си велам „не е важно“, „ќе помине“, „нема потреба“. Во тие мигови правам дефлексија кон самите мои чувства – ја разводнувам енергијата за да не бидам во контакт со сопствената болка.

Но, секојпат кога ја избегнувам вистината на моето чувство, губам дел од виталноста. И токму затоа контактот со себе го гледам како постојана вежба: да останам присутен, да дозволам телото и срцето да зборуваат, да ја препознаам сопствената граница и да ја почитувам.

Контакт со околината

Околината е секогаш тука – луѓето, ситуациите, просторот, времето. Таа ме повикува, ме предизвикува, ми нуди поддршка или ме соочува со отпор. Во секој контакт со другиот, јас истовремено го барам чувството на припадност и ја бранам својата различност.

Кога сум присутен и свесен за моите граници, контактот со другите може да биде жив и хранлив. Можам да слушам без да се изгубам, можам да примам без да бидам проголтан, можам да давам без да очекувам да ме спасат. Тоа се ретките мигови кога контактот е автентична размена – танц во кој двете страни остануваат различни, но поврзани.

Сепак, многу често стравот од одбивање ме турка во конфлуенција. Наместо да останам со својата вистина, јас се претопувам со другиот. Прифаќам мислења што не се мои, се согласувам со нешта кои ме повредуваат, велам „да“ кога внатре во себе чувствувам „не“. Во тие моменти, контактот не е веќе живо движење меѓу две различности, туку празно соединување.

Однадвор изгледа како блискост, но одвнатре е празнина. Тоа е илузија на единство што ме остава без енергија. Границата исчезнува, а со неа исчезнувам и јас.

Интересно е што, како што гешталтот нагласува, ова „спојување“ не е љубов туку бегство. Конфлуенцијата е начин да избегнам болка, но и начин да избегнам животност.

Отпори во контактот

Гешталт психотерапијата не ги гледа отпорите како нешто негативно што треба да се искорени, туку како креативни прилагодувања кои некогаш ни помогнале да преживееме. Тие се начини на кои ја прекинуваме или избегнуваме виталната размена, за да се заштитиме од интензитетот на доживувањето. Но со текот на времето, кога стануваат автоматски, тие отпори ни ја крадат свежината на контактот.

Во моето секојдневие најчесто ги препознавам интроекцијата, ретрофлексијата, дефлексијата и конфлуенцијата.

Интроекција – несварените пораки

Интроекцијата е како голтање на храна без џвакање. Тоа се пораки, правила и вредности кои сум ги примил од семејството и општеството без да проверам дали се мои. Кога велам „мора секогаш да бидам силен“ или „не смее да се кажува лутина“, јас всушност зборувам со туѓ глас во себе.

Овие несварени пораки ја замаглуваат границата: не знам дали нешто е навистина мое или наметнато. Со интроекцијата губам дел од мојата автентичност.

Во терапија учам да „џвакам“: да се прашам дали ова „треба“ ми служи, или ме оддалечува од виталноста. Некои пораки можам да ги интегрирам, но други треба да ги исплукам за да бидам јас.

Ретрофлексија – енергија свртена кон внатре

Ретрофлексијата е момент кога наместо енергијата да ја изразам кон другите, ја свртувам кон себе. Наместо да кажам „лут сум“, јас се стегам, молчам и ја носам лутината во телото. Наместо да побарам поддршка, се изолирам.

Така мојата граница станува тврд ѕид. Го задржувам чувството за да не ризикувам одбивање или конфликт. Но цената е голема: внатрешна тензија, соматизација, губење на виталноста.

Ретрофлексијата некогаш ми дала илузија на контрола, но денес гледам дека е облик на самоограничување.

Дефлексија – избегнување на директноста

Дефлексијата е како танц околу суштината. Кога велам „не мора“, „не треба“, „не сакам“, често не зборувам вистински. Тоа се фрази што ми овозможуваат да избегнам директен контакт со својата потреба или желба.

Ако некој ми понуди помош, а јас кажам „не мора“, избегнувам да признаам дека ми треба. Ако кажам „не сакам“, а внатре чувствувам дека сакам, тогаш ја разводнувам вистината за да не ризикувам одбивање.

Дефлексијата ми дава чувство на сигурност, но цената е губење на автентичноста. Контактот станува празен, разводнет.

Конфлуенција – илузија на единство

Конфлуенцијата е момент кога границата исчезнува. Се спојувам со другиот, прифаќам сè како мое, се согласувам без да проверам со себе. Однадвор изгледа како хармонија, но одвнатре е губење на сопствената различност.

Во овие моменти, контактот не е жив танц, туку претопување кое завршува во празнина. Јас не сум јас, ти не си ти – постои само магла од која се буди чувство на празнотија.

Отпорите не се непријатели, туку сигнали. Тие ми покажуваат каде се плашам, каде се повлекувам, каде сум во конфликт меѓу желбата за припадност и потребата за автономија. Секое нивно препознавање е можност за избор: дали ќе останам во автоматизмот, или ќе се обидам да влезам во жив контакт.

Културен и семеен контекст

Ниту еден од овие отпори не настанал случајно. Тие се обликувани од културата и семејството во кои сум израснал и многу од нив се трансгенерациски пренесени.

Во моето семејство, тишината често беше побезбедна од зборот. Лутина ретко се изразуваше отворено. Наместо да кажам што чувствувам, научив да молчам – и така ретрофлексијата стана дел од моето тело. Телото ми беше навикнато да ја свртува енергијата кон внатре, како начин на преживување.

Од друга страна, семејството често испраќаше пораки од типот „мораш да бидеш добар“, „не се карај“, „нема место за слабост“. Тие пораки не беа целосно мои – јас ги голтнав како интроекти. Долго време живеев според нив, без да се прашам дали ми служат.

Културниот контекст исто така има своја тежина. Во средина каде колективот често е поважен од индивидуата, конфлуенцијата добива статус на норма. „Не се одвојувај“, „биди како сите“, „не се разликувај премногу“ – тоа се пораки што го замаглуваат јасот. Понекогаш ова е чувство на топлина и припадност, но другпат е губење на сопствениот глас.

Во исто време, постои и дефлексија како културен стил – шегата, непреките одговори, фразите „не мора“, „ќе видиме“. Ова ја разводнува директноста и често ја прикрива вистинската желба или потреба.

Сфаќам дека отпорите не се само мои лични избори, туку и наследени начини на однесување, модели кои се пренесувале низ семејството и културата. Во терапијата тие ми стануваат појасни: не за да ги обвинувам родителите или општеството, туку за да ја вратам одговорноста кај себе.

Сега можам да изберам – кои пораки ќе ги задржам како дел од мојот идентитет, а кои ќе ги отфрлам за да бидам поблиску до мојата автентичност.

Практичен дел – пат кон автентичен контакт

Отпорите не исчезнуваат со самото тоа што ги препознавам. Но свесноста ми дава можност да експериментирам со нови начини на контакт. Токму тоа е суштината на гешталт пристапот – не анализа од дистанца, туку живо искуство, пробување, тестирање на границата.

Работа со интроекцијата

Кога ја забележувам реченицата „мораш“ или „треба“, се обидувам да ја „џвакам“. Си поставувам прашање: дали ова е мое? Ако не, тогаш имам избор – да го исплукам тој интроект и да останам со мојата вистина. Еден практичен експеримент е гласно да го кажам тоа „мораш“ и да видам што чувствувам во телото. Ако телото се стега, значи дека пораката не е моја.

Работа со ретрофлексијата

Кога ја забележувам дека ја свртувам енергијата кон себе, правам мал експеримент: наместо да ја задржам, се обидувам да ја изразам. Ако сум лут, наместо да молчам, кажувам „сега чувствувам лутина“. Ако телото ми е напнато, дозволувам глас или движење да ја изнесат таа напнатост. Со ова ја омекнувам границата и дозволувам виталноста да тече.

Работа со дефлексијата

Кога кажувам „не мора“ или „ќе видиме“, се прашувам: што би било ако одговорам директно? Малку по малку, учам да кажам „сакам“ или „не сакам“, без да се кријам зад фрази. Ова е ризик, но и пат кон автентичност.

Работа со конфлуенцијата

Кога чувствувам дека се топам во другиот, правам чекор наназад и си поставувам прашање: што е мое, а што е негово? Понекогаш ми помага телесна вежба – да се движам низ просторот и да го почувствувам сопствениот ритам. На овој начин ја враќам разликата и повторно можам да бидам со другиот без да исчезнам.

Овие практики не се магија, туку постојан тренинг. Секојпат кога  успевам да ја задржам виталноста во контактот, тоа е мала победа. Секојпат кога ќе се вратам во старите отпори, тоа е покана за ново учење.

Така патот кон автентичниот контакт не е линеарен, туку е танц – чекор напред, чекор назад, отворање, затворање. Но токму во тој танц ја чувствувам живоста.

Заклучок

Границата не е линија што нè дели, туку жив простор каде што се среќаваат моето и твоето, внатрешното и надворешното. Во тој простор се раѓа животот – и радоста, и болката, и можноста за промена.

Преку моето патување сфаќам дека отпорите во контактот – интроекцијата, ретрофлексијата, дефлексијата и конфлуенцијата – не се непријатели, туку креативни прилагодувања. Тие некогаш ми помогнале да преживеам, но денес ме ограничуваат ако останам заробен во нив.

Интроекцијата ме учи дека не секоја порака што ја голтам е моја. Морам да „џвакам“, да бирам.

Ретрофлексијата ми покажува дека зад молкот често стои енергија што сака да се изрази.

Дефлексијата ме потсетува дека избегнувањето на директноста ме чува од болка, но и од вистинска близина.

Конфлуенцијата ме освестува дека вистинската љубов не е бришење на границите, туку нивно почитување.

Кога ги гледам овие отпори со свесност, тие стануваат патокази – места каде што можам да застанам и да изберам ново движење. Наместо автоматизам, можам да внесам избор; наместо замрзнатост, можам да внесам виталност.

Мојата задача е да научам да танцувам со сопствените граници. Да ги користам не како ѕидови, туку како мостови. Да останам со себе и истовремено да бидам со другиот. Тоа не е лесен пат, но е единствениот пат кон автентична блискост и жива размена.

Како што Жинжер нагласува, „уметноста на контактот е токму во танцот на движењето – приближување и оддалечување, отворање и затворање“. Во тој танц јас го наоѓам моето место – меѓу себе и светот.

Користена литература

Ginger, S. (2007). Уметноста на контактот. Скопје: Арс Ламина.

Shore, J. T. (2020). Црвената линија. Белград: Psihopolis.

„Сам свој психотерапевт“. (2012). Скопје: Табернакул.

Clarkson, P. (2014). Gestalt Counselling in Action (4th ed.). SAGE Publications.

Гешталт Терапија: Возбуда и раст на човековата личност 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Scroll to Top